Како да внесеме повеќе смеа во нашиот живот?


„Не се смеам бидејќи сум среќен. Среќен сум бидејќи се смеам.“ – Вилијам Џејмс

Алисија Колевска – Tranquility
    Истражувањата покажале дека смеата е моќна алатка за редуцирање на стресот, болката, конфликтот. Способноста да се смееме полесно и почесто претставува средство за надминување на проблемите, подобрување на меѓусебните односи и поддршка на физичкото и емоционалното здравје.
    Следењето на наредните чекори ќе допринесе да се смееме повеќе во секојдневниот живот:
– Насмевка. Насмевнувањето е почеток на смеата. Кога ќе погледнеме во некого или ќе забележиме нешто дури и малку благопријатно, можеме да практикуваме насмевнување. Наместо да сме насочени кон нашиот смартфон, погледот почесто да го пренасочуваме кон луѓето кои секојдневно ги среќаваме во различни ситуации, да им се насмевнуваме и да го воочуваме ефектот.
– Регистрирање на нашите благодати. Можеме буквално да направиме листа на благодарност. Размислувањето за позитивните аспекти на нашиот живот ќе придонесе за зголемување на оптимизмот во иднина.
– Придвижување кон смеата кога ќе ја чуеме. Понекогаш се случува хуморот и смеата да се интерна шега помеѓу мала група на луѓе, но обично тоа не е случај. Многу почесто луѓето сакаат да споделат нешто смешно, бидејќи тоа им дава можност да се смеат повторно, да го распространат и да го афирмираат хуморот. Затоа, кога ќе слушнеме смеење во наша близина, можеме да пристапиме и да прашаме која е причината за тоа.
– Поминување време со луѓе кои ни се забавни. Тоа се луѓето кои лесно се смеат за себеси и за апсурдите на животот и рутински го наоѓаат хуморот во секојдневните случувања.
– Внесување хумор во конверзациите. Да ги прашуваме луѓето „Што е најсмешното нешто кое ти се случило денес/оваа седмица/во твојот живот?“
– Создавање можности за смеење: гледање комичен филм, ТВ шоу или YouТube видео; читање смешни страници; споделување добра шега или смешна приказна; читање книга со хумористична содржина; организирање вечер за игра со пријателите; играње со милениче; играње со мали деца; забавни активности (куглање, пикадо, караоке…).
    Смеењето, играњето и забавувањето не само што допринесуваат за животот да биде попријатен, туку и помагаат да размислуваме покреативно при соочувањето со предизвиците на секојдневието. Луѓето кои ги вклучиле хуморот и играта во секојдневниот живот, откриваат дека тоа ги обновува нив и нивните врски со другите, а забележале и здравствени придобивки.
 
Преведено од повеќе извори и уредено

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!