Значењето на позитивните емоции


Алисија Колевска – Quietness
    Психологот Барбара Фредриксон во своите истражувања има откриено листа на 10 позитивни емоции. Според неа, позитивните емоции имаат голема улога во проширувањето и градењето на личните психички ресурси и капацитети за развој. Таа утврдила десет позитивни емоции, кои е потребно секојдневно да ги култивираме:
(1) Благодарност – Се радуваме кога ќе ни се случи нешто добро, но да се биде благодарен значи ценење на фактот дека сме доволно среќни што ја имаме таа придобивка. Кога се чувствуваме благодарно, стануваме покреативни, пољубезни, поприземјени и позадоволни од нашиот живот.
(2) Спокојност – Тоа е чувството кога немаме грижи и живееме во сегашниот момент. Многу е важно да се посветиме на оваа емоција, бидејќи голем дел од времето, дури и кога нештата се одвиваат во најдобар ред, ние се фиксираме во минатото или започнуваме да се грижиме за иднината.
(3) Заинтересираност – Се работи за моќна емоција, бидејќи нашиот интерес или љубопитство нè насочува кон учење нови нешта, кои пак ни отвораат можност да откриеме или создадеме нови околности за личен раст и развој.
(4) Стравопочит – Всушност доколку повеќе успоруваме и застануваме, би сфатиле дека секој момент од животот е извор на стравопочит, бидејќи ние постоиме во рамките на големината на овој универзум. Чувствувајќи го присуството на ова творештво со голем размер, инспирирани сме повеќе да истражуваме, поврзувајќи се со детското чувство за чудење, каде магијата и учењето никогаш не завршуваат.
(5) Гордост – Гордоста е општествено вреднување на нашите и туѓите постигнувања. Позитивноста на оваа емоција лежи во нејзиниот поттик за сонување и поместување на границите за постигнување на целите. Да се има гордост во себе е неопходно, бидејќи сите сме единствени на свој начин. Гордоста ни помага да ги препознаеме своите способности и да ги пренесеме на следното ниво.
(6) Надеж – Таа е можеби најсилната позитивна емоција, бидејќи се појавува тогаш кога околностите се најмалку поволни. Кога сме најмногу изгубени и скршени, надежта е таа што нè одржува во живот. Оваа емоција потребно е континуирано да ја негуваме во себе, бидејќи нè поттикнува да веруваме дека утре ќе биде подобро од денес.
(7) Љубов – Веројатно најкомплексната емоција, а истовремено и најубавата. Таа е можеби најчестата позитивна емоција што се доживува помеѓу луѓето, не само кај паровите, туку и во сите блиски односи. Позитивната психологија сугерира дека доживувањето чувство на љубов кон сите, нѐ прави ментално посилни.
(8) Забавување – Сите знаеме дека луѓето стануваат премногу сериозни за да ги постигнат своите цели. Забавувањето е емоција која ни носи светлина. Без разлика дали тоа е преку хумор, комедија или смеење со пријателите, ова е исклучително важна емоција, која е неопходно да се одржува секој ден. Позитивната психологија посочува дека луѓето кои се чувствуваат развеселено, повеќе се фокусираат на позитивните работи во својот живот.
(9) Инспирација – Инспирацијата е сила која нè стимулира да направиме нешто значајно или исклучително. Тоа е голема емоција што може да се негува во секојдневниот живот, бидејќи сè што е околу нас е инспиративно, доколку го бараме. Ако можеме да го почувствуваме тоа, ни носи огромна флексибилност, моќ и надеж.
(10) Радост – Чувствуваме радост кога ќе имаме подобри резултати одошто сме очекувале, или сме се почувствувале побезбедни и повеќе ценети. Радоста придонесува да сме поигриви, а тоа пак нè поттикнува да сме поотворени и да почнеме да истражуваме. Радоста е оптимистички позитивна емоција.       
    Разбирањето на вистинската важност на позитивните емоции, ќе ја зголеми нашата свесност за преземање контрола во збогатувањето на нашиот психички репертоар на мислење и дејствување.

 

Преведено од повеќе извори и уредено

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!