Интересни научни факти за среќата (втор дел)


Алисија Колевска – Sunset Blue

Доколку сакате да ја прочитате и првата статија со интересни научни факти за среќата, кликнете тука

1. Среќата лесно се пренесува
Нашата среќа има влијание на луѓето кои ги познаваме и луѓето кои тие ги познаваат. Истражувањата посочуваат дека среќата на наш близок пријател ја зголемува можноста да бидеме среќни за 15%. Среќата на второстепен контакт (на пр. сопружникот на нашиот пријател) за 10% и среќата на контакт од трет степен (пријател на пријателот на нашиот пријател) за 6%.
2. Среќата доведува до успех
Повеќето луѓе мислат дека ако станат успешни, тогаш ќе бидат и среќни. Но, неодамнешните откритија во психологијата и невронауката сугерираат дека оваа формула е спротивна: Среќата го поттикнува успехот, а не обратно. Кога сме позитивни, нашиот мозок е во поголема мера мотивиран, ангажиран, креативен, енергичен, отпорен и продуктивен.
3. Нашата среќа не е непроменлива
Иако нашите гени имаат влијание на околу 50% од варијацијата на нашата лична среќа, нашите околности (како приходот и средината) влијаат со само 10%. Дури 40% припаѓаат на нашите дневни активности и свесните избори што ги правиме. Така што добрата вест е дека нашите дејствија навистина можат да направат разлика.
4. Помагањето ја поттикнува среќноста
Помагањето ги активира подрачјата на мозокот кои се поврзани со задоволство, социјална поврзаност и доверба. Алтруистичкото однесување ослободува ендорфини во мозокот и ја подига среќноста за нас, како и за луѓето на кои им помагаме. Студиите покажале дека подарувањето пари има тенденција да ги усреќува луѓето во поголема мера, отколку трошењето за себе.
5. Среќата е добра за нашето срце
Училиштето за јавно здравје при Харвард испита 200 одделни истражувачки студии за психичка добросостојба и кардиоваскуларно здравје. Беше откриено дека оптимизмот и позитивните емоции обезбедуваат заштита од кардиоваскуларни болести, го успоруваат напредувањето на срцеви заболувања и за околу 50% го намалуваат ризикот од искусување на кардиоваскуларен настан, како срцев удар.

 

Преведено од повеќе извори и уредено

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!