Гледањето на големата слика ја зголемува среќноста


    Понекогаш во животот, да се биде среќен значи да се гледа големата слика и да се заобиколат деталите. Неодамна, оваа идеја беше тестирана од канадски истражувачи на многу буквален начин. Психолозите зборуваат за глобална обработка и локална обработка во перцепцијата. За глобална обработка станува збор кога гледајќи во некој предмет, го сметаме како целина, а за локална кога се фокусираме на одредени делови од предметот. Во својата студија, истражувачите решиле да испитаат дали обработката на слики на глобално ниво, наспроти локално, влијае на чувството на среќа.
    Во првиот експеримент се користеле слики што содржат Навон букви, односно една голема буква составена од повеќе помали. На пример, множество на примероци од буквата X може да бидат подредени за да илустрираат голема буква A. Ако ја гледаме големата слика, ќе ја видиме буквата А, а доколку се фокусираме на деталите, ќе ги воочиме мноштвото букви X.
    Истражувачите, исто така, на две групи испитаници им дале задача да разгледуваат пејзажни фотографии, притоа од првата група било побарано да го гледа пејзажот како целина, а втората била насочена кон конкретни детали. На пример, првата група гледала шума, а втората дрвјата во неа.
    Во третиот и четвртиот експеримент, истражувачите користеле слики од Google Street View. Уште еднаш, луѓето или холистички ги процениле сликите, или се концентрирале на делови од сликите што истражувачите ги имале истакнато со жолти линии во форма на квадрат.
    Низ сите четири експерименти се покажало дека гледањето на сликите како целина повеќе го зголемува нивото на среќа кај луѓето, отколку кога се гледа во локални детали.
    Зошто гледањето на големата слика, во буквална смисла, е поврзано со повеќе позитивни емоции? Авторите на студијата сугерираат дека „проширувањето на менталните хоризонти“ може да ги наведе луѓето да ги воочат сите позитивни работи околу нив и да не се задржуваат на релативно малите негативни детали. Тие цитираат претходни истражувања кои откриваат дека посреќните луѓе имаат тенденција да размислуваат за нивниот живот во поапстрактни рамки.
    Би можело да се заклучи дека преку глобалното разгледување на сликите во експерименталните лабораториски задачи, испитаниците привремено се префрлиле на начин на размислување кој овозможува животот генерално да се гледа на „глобален“ начин. Оваа идеја има интуитивна смисла и треба да се направат повеќе истражувања пред да имаме сигурни докази. Сепак, се чини дека „одзумирањето“ може да го подобри нашето ментално здравје. Што се однесува до оваа студија, тоа е големата слика!

 

Преведено и уредено

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!