Настанување на возрасноста – нова животна етапа?


    Демографските промени предизвикани од индустријализацијата во последните декади, како што се продолженото образование, неизвесноста околу вработувањето, стапувањето во брак на повисока возраст и одложеното родителство резултираат во усложнет процес на станување возрасна единка.
Алисија Колевска – Mountainscape
    Настанувањето на возрасноста (анг.: еmerging аdulthood) е теориски концепт предложен од проф. д-р Џефри Арнет на почетокот од овој век, со кој е опфатена возраста од приближно 18 до 30 години (со индивидуални разлики). Во современата применета психологија е препознаен како посебен развоен период помеѓу адолесценцијата и возрасноста, благодарение на поткрепеноста од истражувачките наоди во сѐ поголем број земји низ светот, вклучително и кај нас (Колевска, 2017).
    Определени се пет карактеристики на периодот на настанување на возрасноста:
– Истражување на идентитет
Во периодот на настанувањето на возрасност, младите индивидуи се истражуваат себе си, особено во однос на работата, љубовта и погледите на свет. На тој начин тие стануваат повеќе свесни за себе, ги дефинираат идните цели и очекувања.
– Отвореност/можности
Младите започнуваат да донесуваат повеќе одлуки за себе, со што ја поставуваат основата за годините што следат. Периодот на настанувањето на возрасност е време кога многу различни иднини остануваат отворени и кога има мала одреденост за насоката во животот на личноста.
– Негативност/нестабилност
Во разгледувањето на многуте идни можности, младите може да имаат потреба да ги ревидираат нивните стратегии и планови за достигнување на идните цели. Овие ревизии претставуваат природна последица на истражувањата, кога се трага по патека кон поставените цели. Вообичаени типови на нестабилност за време на овој животен период се промени поврзани со образованието, работата и местото на живеење.
– Фокусираност на себеси
Впуштајќи се во истражувања надвор од примарното семејство, младите ја практикуваат својата независност. Зголемената независност создава ситуации во кои младите повеќе се фокусираат на себеси и донесуваат сопствени одлуки. Овој период на фокусираност на себе си, дозволен за оние кои се способни да ги одложат традиционалните улоги на возрасноста, како брак и родителство, е здрав и минлив период што овозможува подлабок развој на идентитетот на личноста.
– Чувствување „помеѓу“
Добар дел од младите започнуваат да живеат надвор од примарното семејство, но сѐ уште може да се зависни од нивните родители за одредени ресурси, како финансиска и/или емоционална поддршка. Настанувањето на возрасноста претставува период на чувствување „помеѓу“, за време на кој младите повеќе не се чувствуваат како адолесценти, но сепак не се перципираат ниту како возрасни. Тие сметаат дека нивниот напредок кон возрасноста е долг и постепен.

    Препознавањето и нормализирањето на наведените карактеристики е важно за подобро разбирање на транзициите низ кои поминуваат младите, а воедно ќе доведе до зголемување на чувството на компетентност и сигурност при справување со промените. Голем број истражувања откриваат дека психосоцијалната поддршка од професионалец е особено важна за идентификување улоги, дефинирање релации и одредување активности кои би ја потхраниле способноста за адаптација на разнообразните искуства и би го потпомогнале успешното преминување во периодот на возрасноста.

 
Авторски напис објавен на сајтот Разговор.мк.

Add a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

error: Content is protected !!